Најстариот историски податок за Охридската тврдина е од III век пр. н.е. (209 година) каде што се спомнува како тврдина на градот Лихнид.Ја споменува античкиот историчар Ливиј, додека најстариот поопширен опис за тврдината датира од 478 година од хроничарот Малк (Малала), кој ја опишува како силно утврдување кое не можел да го освои остроготскиот крал Теодорих.
Охридската тврдина е еден од најголемите средновековни градови на територијата на Република Македонија. Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот охридски рид. Од сите страни, со исклучок на јужната, која е свртена кон езерото, ритчестиот дел на градот бил заштитен со високи ѕидови и кули во должина од три километри, сè до близината на охридското пристаниште. Во стариот дел на градот се влегувало низ три порти, од кои зачувана е само Горна порта.